Заокружување на тригодишниот проект ЕУРОПЕАНА со десет нови наслови

Оваа издавачка година ја финишираме на најдобар можен начин, со издавање на десет нови книги од нашата преведувачка работилница, со што го заокруживме тригодишниот проект ЕУРОПЕАНА, како дел од „Креативна Европа“ на ЕУ. Годинава во популарната едиција ПРОаЗА имаме преводи од два нови европски јазици, со што го збогативме јадрото на преведена литература од над 20 европски јазични подрачја. Освежувањето дојде преку романите „Малите прсти“ на Филип Флоријан, за чиј превод од романски јазик беше задолжен Ермис Лафазановски, и првиот превод од португалски на македонски јазик на романот „Првобитните нешта“ на Бруно Виејра Амарал, за кој беше задолжена Наташа Сарџовска. Токму овие два автора беа наши гости во јунските сесии во Старата скопска чаршија, а во август се дружевме и со фантастичните гости од Хрватска и Унгарија, Миљенко Јерговиќ и Атила Бартиш. За атмосферата и изречените мудрости, проверете ги клиповите долу, а за литературната вредност на нивните книги, секако, прочитајте поголем дел од споменатите дела, бидејќи се работи за исклучителни текстови од актуелната европска книжевна сцена.



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани