Не одам никаде

НЕ ОДАМ НИКАДЕ

Румена Бужаровска


цена: 350 денари




Најновото прозно дело, збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска е своевидно продолжување и надоградување на веќе препознатливиот содржински и стилски раскажувачки манир на оваа современа македонска писателка. Оваа книга, составена од седум раскази, на извноредно прецизен и прониклив начин претставува остар и реалистичен, но истовремено суптилен и често трогателен приказ на современата македонска реалност. Имено, преку мајсторското прикажување на многу комплексни меѓучовечки односи – семејни, пријателски и професионални – авторката гради слика на македонското совремие, истовремено прикажувајќи како општеството со своите наметнати патријархални, но и политички и социо-економски матрици, се отсликува во најинтимните јадра на човековите релации. Заебележително е што во овие раскази преовладува темата на економската миграција и растурените меѓучовечки односи што таа ја предизвикува, како и комплексот на инфериорност кон западниот свет.

Во ова дело на Бужаровска гледаме продолжување на северно-американската традиција на раскажување, на автори како Елис Манро (со кого неслучајно Бужаровска ја спореди критичарот Теофил Панчиќ), но присутна е и минималистичката, хипер-реалистична традиција на раскажување на Рејмонд Карвер, како и насилно-епифаниската нишка присутна кај Фланери О’Конор. Сепак, Бужаровска гради изразито сопствен, сликовит, реалистичен, но и хумористичен стил што ќе остане забележан во македонската раскажувачка традиција, во која оваа авторка веќе го остави својот печат.



ИЛИ-ИЛИ © 2014 | Авторските права се задржани